Дваесет и едногодишното момче од Тетово починало по десет дена лекување од ковид-19, немало претходни болести

Тетово, луѓе чекаат ред за вакцина против ковид-19, илсутрација, архивска фотографија

Момчето на 21 година кое почина ноќеска околу полноќ во тетовскиот Ковид центар било примен на 15 август, а карактеристично во болничкото лекување била отпорноста која организмот ја имал кон антивиралната терапија, објасни на средба со новинарите координаторот во Ковид центарот д-р Гзим Нуредини. Момчето немало хронични болести.

„Беше примен во многу тешка општа состојба, по консултација со Инфективна клиника во Скопје, родителите одбија да го носиме. Посетен беше од доктори од Скопје, ден пред да почине и дента кога почина. Бил на цела антивирална терапија по најновите протоколи за лекување, за жал беше резистентен на терапијата. По официјални анамнестички податоци што ги имаме, се работи за лице без никакви коморбидитети. Неофицијално, по претпоставка се сомневаат за некаков синдром, според искуството на лекарите. Ова е нешто многу сериозно да ви почине дете младо без коморбидитети, но лекарите што го прегледале се сомневаат за одреден синдром, но за тоа треба генетски тестирања, не реагирал на терапија. Давале терапија, а одело на полошо, бил лекуван и во Тетово и од Скопје лекари дошле, да не се сомневаме дека не отишол, нега добил да не се сомневаат и граѓаните“, изјави д-р Нуредини.

Почина 21-годишно момче од ковид-19, шест смртни случаи во тетовската болница во изминатите 24 часа

Тој повторно апелираше до младите да внимаваат бидејќи се главните преносители на вирусот.

„Во Тетово има многу млади заразени – да не мислат дека е од клима, настинка, треба да се тестираат. Или ако не се тестираат нека се изолираат. Оти не дај Боже да ги фати сега и младите, градот е полн со млади луѓе. Да видиме за каков сој се работи, да не е новиот сој, не знаеме. Уште еден апел да не мислат луѓето дека е шега, нема специфична терапија, ако самиот имун систем не е во ред, тој се бори со вирусот. Значи цела палета на антивирални лекови не е тоа што го собори вирусот. Младите треба да внимаваат веднаш да се тестираат“, рече докторот.

Тетово е еден од градовите најжестоко погодени од новиот бран на коронавирус.