Паднал метеорит кај Риека во Хрватска

Илустрација

Огнена топка која според пресметките содржела барем еден метеорит со маса околу 150 грама паднал во шумите југоисточно од Риека ноќта меѓу 13 и 14 август, соопшти денеска Хрватската метеорска мрежа (ХММ).

Главниот секретар на мрежата Доријан Божичевиќ рече дека во моментот на најголем сјај, огнената топка била над Риека и била сјајна како полна Месечина, пренесува новинската агенција Хина.

„Огнената топка ја снимија камерите на ХММ од Бузет, Хум, Пула, Роч и Тиќан, но и камерите на Глобалната метеорска мрежа од Италија (Фара д'Изонцо) и од Словенија (Шаловци), па дури и од Прага, од далечина од 530 километри“, рече тој.

Огнената топка го почнала својот лет во 4:05 по средноевропско време на висина од 92,7 километри со влезна брзина од 13 километри во секунда, а завршила на висина од 23,2 километри.

Координаторот на метеорската мрежа Дамир Шегон рече дека тоа е втор случај на пад на метеорит кој оваа година го регистрирала ХММ.

„Со пресметка на динамиката во последната точка на светлиот лет, проценето е дека останале околу 150 грама метеорит кој паднал некаде во шумите југоисточно од Риека на непрооден и опасен терен, па потрага на метеоритот нема да биде организирана“, рече тој.