Лицата од Авганистан ќе добијат виза за привремен престој

илустрација

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека засега нема барања за политички азил од лицата кои во земјава ќе пристигнат од Авганистан во рамките на меѓународната спасувачка и хуманитарна мисија за прифаќање на цивилно и миротворно население од Авганистан.

„Сите лица за кои се подготвуваме да ги пречекаме и за кои сме дале потврда дека сме подготвени да ги примиме, ќе добијат статус на времен престој од 90 дена преку издавање на виза за време на престој од три месеци, иако за некои од нив имаме најавено дека веднаш заминуваат, некои за 10-15 дена или слично. Значи, тоа се лица со времен престој во Република Северна Македонија“, рече премиерот Заев во одговор на новинарско прашање каков статус ќе имаат лицата кои во земјава ќе пристигнат од Авганистан, односно дали ќе бидат бегалци или азиланти.

„Зошто ние по глава на жител ќе примиме повеќе хуманитарци, миротворци, активисти за човекови права, новинари, вработени во ОН, НДИ, на ИРИ и на многу организации за човекови слободи, прави и демократии и слично, веројатно заради тоа што имаме поголемо срце во моментот од сите други, заради тоа што чувствуваме поголема хуманост од сите други, веројатно заради тоа што нашиот регион поминал своевидни трауми во блиско минато, па знаеме колку е важна помошта кога може некој да ти подаде рака, да ти помогне,“ истакна Заев.

Тој посочи дека Владата нема никакви предрасуди, ги донесе сите неопходни одлуки, понуди и подава рака и учествува во хуманитарна мисија за Авганистан.

Премиерот повтори дека трошоците ќе ги покријат соодветните организации, Соединетите Држави, невладините организации, како НЕТ, Фондација Отворено општество, ИРИ, НДИ и други.