Бурата Хенри го погоди Роуд Ајленд

Роуд Ајленд по ударот на бурата Хенри, 22 август 2021

Повеќе од 120.000 американски домови во североисточниот дел на Соединетите Држави останаа без електрична енергија по пристигнувањето на тропската бура Хенри на Роуд Ајленд.

На милиони луѓе низ Лонг Ајленд и јужна Нова Англија им е кажано да се подготват за бранови, поплави, паднати дрвја и далноводи. Во меѓувреме, во поплавите во Тенеси загинаа најмалку 21 лице.

Десетици луѓе се уште се водат како исчезнати во и околу градот Веверли, околу 90 милји западно од Нешвил, по обилните врнежи.

Надојдената вода искорна огромни дрвја, носеше автомобили, патишта и мостови беа оштетени, а илјадници луѓе во округот Хамфрис останаа без електрична енергија.

Во училиштето е формиран центар за обединување на семејството и од луѓето се бара да донираат предмети за помош на раселените, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Хамфрис.

Американскиот претседател Џо Бајден изрази сочувство до погодените и рече дека официјалните лица се подготвени да понудат помош таму каде што е потребно. Тој, исто така, одобри помош за државите Род Ајленд, Конектикат и Њујорк, кон каде се движи бурата Хенри.

„Ова невреме има потенцијал за широко распространети последици низ целиот регион со значителни поплави и прекин на електричната енергија што може да погодат стотици илјади луѓе“, рече Бајден.