Украина евакуираше 83 лица од Кабул

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Украински воен авион денеска евакуираше 83 лица од Кабул, вклучително новинари, активисти и авганистански жени и деца, изјави министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Илјадници луѓе кои сакаат да избегаат од талибанските владетели во Авганистан се собраа на аеродромот, додека САД и другите нации се обидуваат да евакуираат илјадници свои дипломати и цивили, како и Авганистанци.

„Денес украински воен авион изнесе 83 луѓе од Кабул. 31 Украинци плус странци, новинари на Радио Слободна Европа, Вол Стрит Журнал, ЈуесејТудеј, активисти за човекови права, авганистански жени и деца“, напиша Кулеба во Твитер.

„Тие се безбедни во Киев. Ние не ги напуштаме нашите луѓе и им помагаме на другите. Работиме на понатамошна евакуација“, вели Кулеба.

Во одделна изјава, кабинетот на претседателот наведе дека повеќе од 100 Украинци сѐ уште се наоѓаат во Авганистан.

Украина минатата недела помогна во евакуација на Сахра Карими - авганистанска режисерка и прва жена на чело на државната Авганистанска филмска организација.