Кина им дозволи на паровите да имаат три деца

Илустративна фотографија.

Кина усвои измени на Законот за планирање на семејството со што им овозможи на паровите да имаат три деца, обидувајќи се да спречи демографска криза којашто може да ги загрози нејзините надежи за зголемен просперитет и глобално влијание, пишува Асошиејтед прес (АП).

Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес ги усвои измените на законот во петокот на 20 август, како дел од повеќедеценискиот напор на владејачката Комунистичка партија да ја диктира големината на семејствата во согласност со политичките директиви.

АП потсетува дека од осумдесеттите години на минатиот век, Кина за повеќето парови строго ја ограничи големината на семејството на само едно дете, спроведувајќи ја таквата политика со закани со парични казни или губење на работно место, што доведе до злоупотреби, вклучително и принуден абортус.

Претпочитањето на синовите доведе до сексуално селективни абортуси, што создаде огромна нерамнотежа во односите меѓу половите, пишува АП.

Правилата за првпат беа олабавени во 2015 година, кога на родителите им беше дозволено да имаат две деца.

Најнаселената земја во светот долго време ја фалеше политиката за едно дете како инструмент со кој е спречено раѓање на 400 деца, со што се заштедени ресурси и е поттикнат економскиот раст.

Сепак, наталитетот во Кина паралелно со трендовите во Јужна Кореја, Тајланд и другите азиски економии, веќе паѓаше пред воведувањето на правилата за едно дете. Според Светската банка, просечниот број на деца по мајка се намалил од шест во 1960 -тите на под три до 1980 година.

Во меѓувреме, работоспособното население на Кина се намали во последната деценија.

Според владиниот попис што се спроведува на секои десет години, популацијата се зголеми на над 1,4 милијарди луѓе минатата година, што е за 72 милиони повеќе во однос на 2010 година.

Статистиката покажува дека минатата година се родиле 12 милиони бебиња, што е за 18 проценти помалку отколку во на 14,6 милиони родени во 2019 година.

Кинезите постари од 60 години учествуваа со 18,7 проценти од вкупното население во земјата во 2020 година, што е за 5,44 процентни поени повеќе отколку во 2010 година.

Во исто време, процентот на работоспособни граѓани се намали на 63,3 од вкупно 70,1 проценти колку што беше на пописот пред една деценија.