МЗ: Изминатата недела дадени речиси 50.000 први дози на вакцини

Вакцинација

Министерството за здравство информира дека во текот на изминатата недела аплицирани се вкупно 49.569 први дози на вакцини во државата. Според министерството, забележан е значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните.

„Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 586.384 граѓани. Прва доза вакцина во петокот и вчера примиле 13.950 граѓани, а втора доза, вкупно 8.636 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.058.112 дози вакцини, а ревакцинирани се 471.728 граѓани“, се наведува во соопштението.

Со последните бројки 67 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 64 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 60 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 50 проценти од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.