Анкета на НДИ - Граѓаните сакаат демократија со „цврста рака“

Илустрација за терминот „власт“ во учебникот по Граѓанско образование за 8 одделение во 2014 година

Тројца од петмината граѓани во земјава ја преферираат демократијата како систем на владеење, но дури 72 отсто преферираат и демократско управување, но и владеење со „цврста рака“, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ), посветено на теми поврзани со демократијата, владеењето, Ковид-19, геополитиката и дезинформациите.

Резултатите од анкетата покажуваат дека иако граѓаните веруваат во демократијата, сепак се скептични дека се остварливи нејзините основни принципи, како што е владеењето на правото.

Нешто над половина од анкетираните или 52 отсто сметаат дека има назадување на демократијата, а 64 проценти сметаат дека земјата се движи во погрешна насока.

Квалитетот на живот за 56 отсто од испитаниците е поважен од демократските стандарди, а како главни проблеми граѓаните ги посочуваат економијата и можностите за вработување (37 отсто) и здравствените услуги и КОВИД-19 (21 проценти).

Испитаниците изјавиле дека се „многу загрижени“ за состојбата со КОВИД-19 и иако имаат доверба во владините податоци поврзани со коронавирусот, сепак им даваат лоши оценки на државните институции за воведените рестрикции и за комуникацијата за време на пандемијата.

Недоверба во правосудниот систем имаат околу две третини од анкетираните.
Директорот на НДИ во Северна Македонија, Роберт Скот Хејзлет рече дека „загриженоста за политичката неказнивост и блокираните европски интеграции придонесуваат кон лошите перцепции за иднината на државата и нејзините демократски капацитети“.

Анкетата покажува дека иако поддршката за Европската Унија и натаму е голема, таа бележи намалување. Така, 67 отсто од испитаниците би гласале за членство во ЕУ на евентуален референдум, а 19 проценти би биле против. Во слична анкета во 2018 година, против членство на земјата во ЕУ биле само 10 отсто од анкетираните.

Поддршката за НАТО изнесува 63 проценти и е незначително намалена во однос на 2018 година, кога изнесувала 64 отсто, но од друга страна се бележи значително зголемување на противниците на Алијансата – од 9 проценти пред три години на 24 отсто во годинешната анкета.

Зголемено позитивно мислење граѓаните имаат за Турција и Русија, додека за САД и Кина тоа бележи намалување. Така, најдобро мислење анкетираните имаат за Турција – 52 отсто за разлика од 42 проценти во 2018 година, по што следува Русија со 48 отсто позитивно мислење, што е значително повеќе во однос на 32-та проценти пред три години. Позитивното мислење за САД изнесува 43 отсто, а за Кина 38 проценти.

Дури 87 проценти од испитаниците веруваат дека медиумите шират и дезинформации, а 68 отсто имаат доверба во социјалните мрежи и мнозинството се информираат преку Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, како и од пријателите, семејството и колегите.

Истражувањето по нарачка на НДИ го спровел ИПСОС во март и април 2021 на репрезентативен примерок од 2410 испитаници, со маргина на грешка од плус-минус 2 отсто, преку телефонски и интернет анкети. Истражувањето е финансирано од страна на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).