Кафеџии

МАКЕДОНИЈА - Ако сакате да пиете кафе, вакцинирајте се, изјави министерот за економија, образложувајќи ги анти-ковид мерките планирани за од 15 август, меѓу кои е и онаа да се биде вакциниран за да може да се влезе во угостителски објект кој ако има капацитет на 30 гости ќе мора да има редар кој ќе се грижи за почитување на мерките.

МАКЕДОНИЈА - Владата на денешната 98-та седница донесе одлука за ослободување од плаќање на надоместок за услуги за прелети и за терминални услуги во воздушниот простор на Република Северна Македонија на летовите на воените и полициските воздухоплови на Србија, Црна Гора и Романија. Според ЦУК, денеска имало осум активни пожари во Македонија.

САД / БЕЛОРУСИЈА - Американскиот претседател Џо Бајден денеска потпиша извршна наредба со која се воведуваат нови санкции против режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко, додека Соединетите држави го зајакнуваат притисокот врз неговата влада во координирана акција со Обединетото Кралство и Канада.

ФРАНЦИЈА / ИРАН - Францускиот претседател Емануел Макрон го повика Иран да ги продолжи преговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година. Но, новиот претседател на Иран, Ебрахим Раиси, рече дека најпрвин мора „правата“ на Иран да се гарантираат.

САУДИСКА АРАБИА - Саудиска Арабија почна да исплаќа по половина милион саудиски ријали (околу 133 000 американски долари) на семејствата на секој здравствен работник кој починал во борбата со пандемијата на коронавирусот. Во соопштението владата наведува дека парите ќе ги добијат семејствата на сите здравствените работници кои починале во битката со пандемијата без разлика дали се од јавното, военото или приватното здравство и без разлика на тоа дали се Саудијци или не.

ИТАЛИЈА - Италијанската полиција денеска соопшти дела блокирала неколку групи на апликацијата за електронска комуникација Телеграм каде што корисниците си купувале лажни сертификати за ковид19 кои се неопходни за разни активности и услуги. Таканаречената зелената пропусница може да биде дигитална или хартиена и покажува дали некој примил барем една доза на вакцина против ковид19, е негативен на ПЦР тест или, пак, има антитела по прележувањето на вирусот.

БУГАРИЈА - Лидерот на најголемата парламентарна партија во бугарскиот Парламент, Слави Трифонов, на Фејсбук напиша дека доколку протестните партии не гласаат за владата на Има таков народ, резултатот ќе биде суспензија и одложување на сите реформи.

ГРЦИЈА - Србија почна да ги извлекува своите туристи од грчкиот остров Евија каде што со денови беснее пожар. Како што рече српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ тие ќе бидат пренесени на безбедни локации. Таа денеска прецизира дека на островот има околу 500 патници, дека не се загрозени, но дека поради внимателност ќе бидат пренесени на безбедни локации.

ИЗРАЕЛ / ЛИБАН - Израелскиот премиер Нафтали Бенет вели дека Техеран и проиранската група Хезболах се обидуваат да го инволвираат Либан во фронт против Израел, но дека сепак либанската влада мора да преземе одговорност за ракетирањето од негова територија.

КИНА - Властите во Вухан, кинескиот град каде што се верува дека започна пандемијата на коронавирусот, велат дека го завршиле тестирањето на повеќе од 11 милиони жители за ковид-19 по неодамнешното оживување на инфекциите.