Талибанците ги зазедоа клучните области во градот Кундуз

Продолжуваат борбите меѓу авганистанските војници и талибанците

Талибанците презедоа три главни провинции, вклучувајќи и големи делови од стратешкиот североисточен град Кундуз, изјавија локалните власти и портпаролот на милитантите, додека групата ја засилува офанзивата на север и се заканува врз повеќе урбани центри. Кундуз, град со околу 375.000 жители, ќе биде најзначајниот што ќе падне откако Талибанците покренаа тотална офанзива во мај, кога силите предводени од САД ги започнаа последните фази на нивното повлекување. Талибанските борци ги зазедоа клучните владини згради во Кундуз, оставајќи ги владините сили да ги контролираат аеродромот и нивната база, изјави пратеникот на провинциското собрание Амрудин Вали, додавајќи дека и главниот затвор во Кундуз е под контрола на Талибанците.

Жестоки улични борби во Кундуз, талибанците влегоа во градот

Но, авганистанското Министерство за одбрана негираше дека Кундуз паднал и соопшти дека командосите започнале операција за расчистување во градот, додавајќи дека главниот кружен тек во центарот на градот е повторно заземен, а зградата на националната ТВ е исчистена од талибанските борци. Во Кундуз, портпаролот на авганистанските безбедносни сили рече дека „се водат екстремно тешки борби“. Портпаролот на Талибанците, Забихула Муџахид изјави дека групата во голема мера ги зазела владините згради, вклучително и Националната дирекција за безбедност, и дека се во близина на аеродромот. Талибанците, исто така, ја имаат под контрола северната провинциска престолнина Сар-е Пол, изјави Мохамад Нур Рахмани, член на провинцискиот совет на провинцијата Сар-е Пол. „Владините штабови, вклучувајќи ја куќата на гувернерот, полициската команда и комплексот на Националната дирекција за безбедност, се заробени од Талибанците“, рече Рахмани.

Авганистанските власти со воздушни напади против талибанците

Третиот град, Талокан, падна во рацете на Талибанците на 8 август, а милитантите го освоиле централниот затвор, ослободувајќи ги сите затвореници. На 6 август, Талибанците го зазедоа првиот провинциски главен град, Заранџ во оддалечената југозападна провинција Нимроз, а еден ден подоцна следеше Шеберган каде што ја запалиле палатата на воен командант и долгогодишен непријател на милитантната група Абдул Рашид Достум.