Мицкоски - Мерките против ковид-19 се неприфатлива поделба на народот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање денеска во Прилеп за тоа кој е неговиот став во однос на новите КОВИД мерки кои ќе стапат на сила од 15 август, вели дека ова се квази мерки кои што не само што нема да го заштитат здравјето на граѓаните, туку и дополнително ќе направат поделби меѓу граѓаните.

„Овие мерки имаат единствена задача, практично да воведат една таканаречена вештачка непримерна контрола, ќе го уништат оној бизнис кој што колку толку започна да функционира, ќе донесат еден вид фрустрација кај граѓаните, посебно оние кои што имаат уставно загарантирано право да изберат дали да се вакцинираат или да не се вакцинираат, иако јас лично сум би рекол за имунизација по пат на вакцинирање“, вели Мицкоски.

Претходно и Левица се спротивстави на новите мерки.

Премиерот Зоран Заев денеска рече дека воведувањето на рестриктивните мерки од 15 август се важни за на 1 септември децата да почнат на училиште, да имаме успешен попис, да завршат локалните изборите како што треба.

Владата донесе одлука за воведување на нови рестриктивни мерки, со цел да се спречи ширењето на новиот делта сој на коронавирусот и забрзано да не се полнат болниците низ земјава.

Владата вчера донесе одлука за целосна забрана на секаков тип настани и работа на угостителски објекти на затворено од 16 август и задолжителна потврда за вакцина, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 398 нови случаи на коронавирус во Македонија, а четворица луѓе починале. Ова е најголема дневна бројка на заразени од крајот на април.