Достапни линкови

Нови ковид-мерки: Потврда за вакцина, во кафеана само на тераса


Илустрација
Илустрација

По препорака на Комисијата за заразни болести, Владата донесе нови анти-ковид мерки кои ќе важат од 15 и 16 август

Целосна забрана на секаков тип настани и работа на угостителски објекти на затворено од 16 август и задолжителна потврда за вакцина, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август.

Ова се дел од одлуките кои вечерва владата ги донесе по препораката на Комисијата за заразни болести, а во врска со заштита на населението од коронавирусот. Владата одлучи и да се зајакнат контролите на постоечките анти-ковид мерки.

„Со одлуката, до 15 август сите угостителски објекти регистрирани за прослави смеат да работат на затворено, само со почитување на КОВИД-19 мерките, со исполнетост до 40 отсто од капацитетот и најмногу 250 гости, согласно постојните протоколи кои се во сила. За ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50 отсто од капацитетот на просторот и ограничен број посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи“, соопшти владината прес-служба.

Покрај ова, од 16 август целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти и кафетерии, вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.

„Од 16 август 2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација со најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Приложувањето и поседувањето на потврда за извршена имунизација – најмалку прва доза вакцина, се однесува на лица над 18 годишна возраст“, се додава во соопштението.

Со владината одлука се задолжуваат надлежните инспекциски служби во претстојниот период да ги интензивираат контролите со цел стриктна примена и почитување на превентивните препораки, времените мерки и наредените мерки по однос на КОВИД-19.

Во деноноќието 6/7 август регистрирани 378 нови ковид позитивни

Во изминатото деноноќие се регистрирани 378 нови случаи на коронавирус во Македонија. Пријавено е едно починато лице, а 25 оздравеле. Направени биле 7.647 тестирања, информира Министерството за здравство.

Ова е најголем дневен број на заразени од средината на април.

Најголем број нови случаи се регистрирани во Скопје – 118, во Тетово има 114, Гостивар 51, Кичево 20, Куманово 18, Струмица 16, Битола и Охрид по 9, Кавадарци 6, Велес 4, Кочани 3, Струга и Радовиш по 2 и Прилеп, Штип, Ресен, Берово, Виница и Македонски Брод по 1 нов случај.

XS
SM
MD
LG