Филипче - Под 10 отсто од хоспитализираните се вакцинирани

Министерот за здравство Венко Филипче

Состојбата со коронавирусот е најкритична во Тетово, каде има најмногу приеми во болница. Бројките на новодијагностицирани се високи и во Скопје, Гостивар, а од вчера и во други градови, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција. Тој вели дека земјава е на почеток на нов ковид-бран, а на тоа укажува зголемениот број на новозаразени.

„Во болниците во земјава има околу 150 луѓе со ковид-19. Од нив под 10 проценти се пациенти кои се целосно вакцинирани, тие се во релативно добра здравствена состојба, па затоа е клучна вакцинацијата. Вакцината е ефикасна за сите соеви на вирусот, нешто помалку за делта сојот, но штити од тешка клиничка слика“, рече Филипче.

Во Тетово во болница се лечат 45 луѓе од последици од ковид-19. Од епидемиолошките анкети биле заклучено дека поголемиот дел од новозаразените биле на свадби и други прослави, па се донесени и нови мерки.

Од 16 август се забрануваат сите видови собири и прослави на затворен простор, задолжителна потврда за вакцина, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август. Министерот уште една апелираше за помасовна вакцинација, велејќи дека има доволно вакцини. Тој вели дека вакцинацијата е клучна за да не се воведуваат нови ограничувања и оти од есен се очекува усложнување на состојбата.

Заклучно со вчерашните бројки во земјава има 1618 активни случаи на ковид-19.