Се прошируваат пожарите кај Делчево и кај Пехчево, гори и во скопско, велешко, прилепско

Пожарот во атарот на делчевско е активен при што се појавиле две нови жаришта и тоа во село Разловци во местото Чокалица, додека другата локација е во атарот на село Тработивиште и Нов Истевник, над Света Вода, соопштуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Состојба со пожарите е заклучно до 9.30 часот утрово, велат од ЦУК.

Активен и пожарот во Пехчево кај местото Бајаз Тепе и тој се проширува на територијата на општина Берово. Гаснењето се одвива на непристапни подрачја на село Будинарци.

Во скопски Сарај кај селата Раовиќ и Буковиќ од вчера попладне има пожар на мешана шума. Од утринските часови на терен се пожарникари и припадници на Шумското стопансктво Караџица кои известуваат дека пожарот се движи кон сртот и нема опасност по населени места.
Во Петровец во село Дивље кај местото Крушје гори дабова шума, каде од утринските часови има екипи кои го гаснат. Истиот пожар беше и кај село Џидимирци (Велес) каде е локализиран. На овој пожар ќе се интервенира од воздух поради што им пренесено на екипите да се повлечат од местото на пожарот.


Во Студеничани кај селата Цветово и Црн Врв, пожарникарите утрво добиле дојава дека чади кон Преслап на Китка. Од шумското стопанство Караџица добиле известување од нивни шумар дека се работи за чадење од пожар кој бил помеѓу селата Цветово и Црни Врв и местото Празни Торба, и кој се движи кон Преслап. Бидејќи ШС Караџица немаат слободна екипа за тој пожар, доколку се ослободи некоја од тие што се кај Катланово ќе ги прати на местото.

Во Велес кај село Иванковци од 8 часот утрово има пожар на ниви. Со еден трактор се одорува за да не дојде до проширување на пожарот. Површината на пожарот не е позната.

Во Прилепско, активен е пожарот кај селата Дрен-Смолани. Пожарот кај селата Желувино – Дренак е под контрола, а во моментов пожарот не гори и нема пламен туку има само чад.