Бајден им понуди на жителите на Хонгконг безбедно времено сместување во САД

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска понуди привремено безбедно сместување за жителите на Хонгконг кои се во Соединетите Американски Држави, а кои стравуваат за својата безбедност поради политичките превирања дома. Бајден рече дека потегот ја признава „значајната ерозија“ на правата и слободите во Хонгконг од кинеската влада.

Во потпишаниот меморандум, Бајден го упати Министерството за внатрешна безбедност да спроведе „одложување на отстранување“ до 18 месеци за жителите на Хонгконг, кои се во моментов во САД.

Американскиот претседател ги наведе „политички мотивираните апсења“ на повеќе од сто опозициски политичари, активисти и демонстранти под обвиненија според законот за национална безбедност меѓу кои и наводно отцепување, субверзија и терористички активности. Огромното мнозинство жители на Хонгконг кои се во моментов во САД се очекува да може да конкурираат во оваа програма.