Свадбите повторно ја отворија модуларната болница против ковид-19 во Тетово

Поглед на Тетово од Шар Планина

Драстично зголемување на луѓе кои мораат да бидат на болничко лекување се бележи во Тетово, каде три капацитети се искористени за хоспитализирани пациенти. Во инфективното одделение, во интерното одделени и во модуларната бoлница има 26 луѓе кои се на болничко лекување. Исто така Тетово покрај Скопје има и најголем број на новозаразени пациенти.

„Не знаеме дали е тој четврти бран или не, како и да е оди во тој правец, вчера имавме 64 амбулантски прегледи, тоа не сме го имале уште од есенскиот бран. Од тие прегледи очекуваме и нови хоспитализирани. Навистина е алармантно во споредба со лани овој период кога беше поблаго и подобро. Ако ме прашувате за новоинфицирани, тоа е резултат на зголемен број на тестирања, некои патуваат, некои се враќаат назад, тоа е еден фактор. Зголемување на хоспитализираните пациенти е поради мерките - како да заборавија граѓаните на пандемијата, не носат маски, нема дистанца, има групирање итн. Овие свадбени или други свечености што се организираа придонесуваат да имаме зголемен број на позитивни пациенти во болница“, изјави д-р Гзим Нуредени, координатор во Ковид центарот.

Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од болничко лекување пуштена е во употреба е и модуларната болница, а се оценува дека состојбата е алармантна.

„Гледаме дека луѓето се олабавени, а за жал пациентите се стари лица кои надвор не излегле. На младите не им е гајле ама жртва се старите дома. Тие што се жртва и седат дома изолирани и ќе бидат инфицирани. Сите што побргу да се вакцинираат, вакцината помага, клиничката слика ќе биде полесна кај секого“, вели Нуредини.

Од хоспитализираните 26 пациенти само еден не е на кислородна поддршка.

„Што се однесува до вакцинален статус, четири од нив се вакцинирани само со една доза, еден пациент е комплетно вакциниран, тој е релативно добро. Пациентот е некаде на 67-годишна возраст. Што се однесува до возраста на пациентите имаме 31, 37 години, и другите се над 65 години. Сите овие пациенти се со прекумерна телесна тежина, имаат и други коморбидитети, со срцева слабост, бубрежни проблеми и некои се со респираторни хронични болести“, рече Нуредини.

Меѓу хоспитализираните има и печалбари дојдени од Германија и Италија.

Според денешните податоци од Министерството за здравство, Тетово е град со најмногу новозаразени и најмногу активни случаи на ковид19. Од новозаразените 164 нови случаи на ковид19 во Тетово се 60, а потоа следува Скопје – 34 и Гостивар 21. И според бројот на активни случаи Тетово е на прво место. Како што објави Министерството за здравство вкупно има 770 активни случаи од кои во Тетово 229, во Скопје 221 заразен, а трет е Куманово со активни 72 случаи на ковид19.