Активни девет пожари низ Македонија, најкритично околу селото Дренак

Пожарникарите од Скопје помагаат во гаснењето на пожарите во Кочани и во Старо Нагоричане

Активни во моментов се девет пожари, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак. Состојбата се менува од час во час, но ние ги имаме ангажирано сите расположливи ресурси и верувам доколку не се појават нови, во текот на денешниот ден ќе воспоставиме целосна контрола врз сите пожари, изјави за МИА в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека состојбата е најкритична околу селото Дренок, а во овој момент таму дејствуваат три хеликоптери од Србија, заедно со еден aрмиски хеликоптер. Ангелов очекува наскоро тој пожар да биде ставен под контрола.

Втората посериозна ситуација е околу Пехчево, рече Ангелов додавајќи дека таму утрово делуваше хеликоптер на Армијата. Други активни пожари во овој момент има во Валандово, во месноста Погана, кој исто така зафаќа поголема површина со ниско стеблесто растение. Потоа, во кумановското село Коњув, околу селото Мурашав во Кратово, пожар има и во Прилеп, поточно на Плетвар, и уште еден пожар во Делчево. Исто така, и пожарот во Кочани што гори веќе трет ден, но како што посочи Ангелов, таму е упатен голем човечки потенцијал и имаат контрола врз него.

Во однос на пожарот во Валандово, пожарот се шири во различни правци, затоа што ветрот на едно место дува во една насока, а на само 500 метри, дува во друга насока. Но, Ангелов напомена дека имаат контрола врз ситуацијата.

„Од Србија имаме четири хеликоптери од кои три се за гаснење едниот е за извидница. Мора да имаме во предвид дека овие хеликоптери гаснат на туѓа територија која што не ја познаваат, и затоа мора да бидат придружени од еден наш армиски хеликоптер. Токму тоа беше причината вчера кога тие веќе беа подготвени да не можат да полетат, бидејќи нашите хеликоптери беа на терен и гаснеа. Доколку ги повлечевме назад за да ги земат српските во придружба, ќе се намалеше видливоста и истите немаше да можат да полетат, немаше време“, додаде Ангелов.