Хрватски стомаци и македонски горештини

ХРВАТСКА - Според податоците од последното големо истражување за здравјето на граѓаните на ЕУ, Хрватска е најлошо рангирана земја кога станува збор за прекумерната тежина, пишува загрепскиот весник Јутарњи лист.

МАКЕДОНИЈА - Се очекува од Србија да пристигнат четири хеликоптери на скопскиот аеродром, кои ќе бидат употребени за гаснење на пожарите во попладневните часови. Исто така, потврден одговор за помош при гаснење на пожарите има и од Словенија и Грција, рече денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Во меѓувреме, бугарскиот претседател Румен Радев му се јавил на македонскиот колега Стево пендаровски и понудил помош за справување со пожарите.

ЛИТВАНИЈА - Властите на Литванија соопштија дека на нивните граничари им било наредено да ги вратат мигрантите кои се обидуваат илегално да влезат во земјата од соседна Белорусија. Министерството за внатрешни работи порача дека употребата на сила зависи од околностите.

РУСИЈА - На 18 месеци условна казна со ограничување на слободата на движење е осудена Љубов Собол, соработничката на рускиот опозиционер Алексеј Навални. Денеска Судот во Москва ја прогласи за виновна за јавно повикување на кршење на санитарните и епидемиолошките безбедносни мерки. Портпаролката на Навални во јануари повикуваше луѓе да учествуваат на собирите за поддршка на Навални.

ЛИБАН - Секое трето семејство во Либан има дете кое и понатаму чувствува последици од големата експлозија во пристаништето во Бејрут пред една година, кога загинаа повеќе од 200 луѓе, соопшти денеска Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ).

МАКЕДОНИЈА - Во следните два дена (среда и четврток) целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза. Од Министерството за здравство соопштија дека се активираат мерките за заштита на здравјето согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

САД - Соединетите држави се уверени дека Иран извршил напад со беспилотно летало врз танкер управуван од Израел, кој транзитирал низ меѓународните води во близина на Оман, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

СЛОВЕНИЈА - Словенечката влада ја забрзува кампањата за вакцинација против ковид-19, така што центрите за имунизација ќе бидат отворени за секого од 8 до 22 часот. Епидемиолозите предупредуваат дека доколку не се зголеми вакцинацијата, есенскиот бран може да биде полош од минатата година поради делта варијантата. Пожелно е најмалку 90 проценти од возрасната популација да се вакцинираат, објави Научниот институт Јожеф Штефан кој за владата прави прогнози за епидемијата.

УКРАИНА / БЕЛОРУСИЈА - Белоруски активист, кој беше пријавен за исчезнат, е пронајден мртов во Киев, соопшти денеска украинската полиција. Виталиј Шишов, кој водеше непрофитна организација со седиште во Киев, која им помага на Белорусите да избегаат од прогон, беше пријавен како исчезнат, откако не се вратил дома откако излегол да трча. Полицијата покрена кривично дело за сомневање за убиство, но соопшти дека ќе ги испита сите можности, вклучително и самоубиство.

СРБИЈА - Потпретседателот на Главниот одбор на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ денеска поднесе кривична пријава против претседателот на државата и партијата, Александар Вучиќ, за, како што вели, сите лаги на мафијашкиот клан Вељко Беливук и тајкуните блиски до нив и нивните медиуми во земјата и странство. Како што објави СНС, Вучевиќ го сторил тоа за граѓаните јасно да ги видат во судските постапки сите докази, кој лаже, зошто го прави тоа, сите пипала на овој мафијашки октопод, поврзаноста на овој монструозен криминален клан со разни политички и други центри на моќ. Така на целата јавност недвосмислено ќе ѝ биде јасно зошто претседателот Вучиќ бил нивна заедничка цел цело време.