Народна банка им дозволи на банките да поделат дивиденда

Народна банка

Народната банка ја укина одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките. Одлуката е укината денеска на седница на Советот на Народната банка. Одлуката за укинување ќе стапи на сила по нејзиното објавување во Службен весник.

Од Народната банка информираат дека согласно со оценките на меѓународните финансиски институции и централните банки на водечките економии, во глобални рамки се подобрува економскиот амбиент со што се очекува тоа да придонесе и за закрепнување на македонската економија.

Пред десетина дена, и Европската централна банка донесе одлука за укинување на привремените ограничувања во однос на дивидендите, а претходно истото го направија и Федерални резерви во САД, се наведува во соопштението од Народната банка.

Одуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките беше донесена во февруари годинава во согласност со препораките на Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка. Целта беше да се делува превентивно за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност и продолжени ефекти од ковид-кризата.