Управата на Олимпијадата истражува недозволен собир на спортистите

Првиот човек на организацискиот комитет на Олимпијадата во Јапонија Тоширо Муто

Претставници на Олимписките игри во Токио денеска соопштија дека испитуваат сомнеж за заедничко конзумирање алкохол на повеќе спортиски и други учесници на игрите. Олимпијадата што се одржува во јапонскиот главен град се одвива под силни мерки за спречување на ширењето на Ковид19 меѓу кои и забрана за надворешни посетители, а организаторите им забранија и заедничко пиење алкохол на сите 11 000 спортисти кои учествуваат на игрите.

Првиот човек на организацискиот комитет Тоширо Муто не кажа од кои земји и кои спортисти се во прашање, но додаде дека полицијата пристигнала по собирот што се случил на 30 јули и преставувал прекршување на правилата.
Токио и околните региони се под интензивни антиковид мерки и во вонредна состојба откако почна да се зголемува бројот на новозаразени со коронавирусот.

И досега имаше прекршувања на протоколите на игрите вклучително и на забраната за спортистите да излегуват од олимпскито село. Двајца Грузијци кои освоија злато за својата земја во џудо ги изгубија олимписките овластувања по завршувањето на нивните настапи. Тие беа забележани во близина на кулата во Токио на 27 јули што надлежните за Олимпијадата го нарекоа јасно и сериозно прекршување на правилата. Грузиската амбасада во Токио се извини за нивното однесување. Најмалку 264 акредитирани лица на Олимпијадата се позитивни на ковид19 од први јули досега, а од нив 27 се спортисти.