Достапни линкови

Невообичаени Олимписки игри во Токио


Јапонскиот кабуки актер Накамура Канкуро го пренесува олимпискиот пламен за време на церемонијата на пристигнување на штафетата во Токио, 23 јули 2021 година

Најпроблематичните Олимписки игри во модерната историја денеска со свечена церемонија ќе бидат отворени на Олимпискиот стадион во Токио. На Игрите кои ќе траат до 8 август се очекува да учествуваат околу 11.000 спортисти.

Олимписките игри во Токио требаше да се одржат лани, но беа одложени за една година поради пандемијата на коронавирусот.

За време на Олимпијадата, односно до 22 август, ќе биде во сила вонредна состојба во Токио и околните префектури поради пандемијата.

Атлетичарите и другите учесници ќе бидат редовно тестирани, нивното движење ќе биде ограничено и ќе мора да се придржуваат до посебни мерки. Организаторите се заканија дека ќе го дисквалификуваат секој спортист што не ги почитува правилата.

Првите позитивни тестови на атлетичари пред почетокот на Олимписките игри

Олимписките игри во Токио ќе бидат невообичаени од многу аспекти: тие ќе се одржуваат претежно без присуство на публика, а околу 80 проценти од јапонското население се противи на Олимпијадата поради пандемијата, но исто така и поради прекумерните трошоци, бидејќи Игрите чинат најмалку 13 милијарди долари.

Исто така, немаше класична штафета на олимпискиот факел од страв од ширење на коронавирусот. Факелот низ Јапонија требаше да го носат 10.000 луѓе.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) уште од самиот почеток соопшти дека, во соработка со организаторите, ќе обезбеди безбедни игри за сите учесници и за жителите на Јапонија.

МОК, во соработка со компанијата Фајзер обезбеди вакцини за спортистите.

Поради големата влажност и високите температури, маратонските трки беа преместени од Токио во Сапоро, што е оддалечен 800 километри од главниот град.

И покрај големите проблеми во организацијата, се очекуваат добри резултати на спортско поле.

Во Токио ќе има и нови спортови вклучени во олимписката програма – бејзбол, софтбол, карате, скејтборд, спортско качување и сурфање.

Американската гимнастичарка Симон Бајлс, како и нејзините сонародници пливачите Калеб Дрезел и Кети Ледецки, но и светскиот рекордер во скок со стап, Швеѓанецот Арманд Дуплантис, привлекуваат големо внимание кај светската јавност.

Вонредна состојба во Јапонија на две недели пред Олимписките игри

На сите Олимписки игри, едни од најголемите sвезди се кошаркарите на НБА- во репрезентацијата на САД, како и спринтерите од Јамајка и САД.

На Игрите ќе учествува и светскиот рекордер во маратон, Кениецот Елиуд Кипчоге, како и светскиот рекордер на 400 метри, Јужноафриканецот Вејд Ван Никерк.

Игрите во Токио ќе бидат запаметени и по кревачката на тегови од Нов Зеланд, Лорел Хабард, која стана првата трансродна личност во историјата што ќе се натпреварува на Олимписките игри.

Руските атлетичари ќе се натпреваруваат под името „ROC“ - Руски олимписки комитет, откако беа казнети за широко распространето допингување.

Руски знамиња нема да бидат истакнати на Игрите, а во случај на освојување на златен медал, руската химна нема да биде интонирана, туку извадок од концертот за пијано број 1 на Петар Илич Чајковски.

Бројни скандали се одразија врз организацијата на најголемото спортско натпреварување.

Организаторите ден пред почетокот на Игрите го отпуштија режисерот на церемонијата на отворање, Кентар Кобајаши, поради шега со холокаустот што тој ја изведе за време на настапот во едно комично шоу во 1998 година.

На почетокот на оваа недела, композиторот кој работеше на церемонијата на отворање на Кеиго Ојамада мораше да си даде оставка, откако на социјалните мрежи се појавија обвинувања дека тој како дете ги малтретирал своите соученици.

Шефот на ОИ во Токио поднесе оставка по сексистичките испади

Поранешниот претседател на Организациониот комитет на Олимписките игри, Јоширо Мори, поднесе оставка во февруари поради сексистички коментари дека жените зборуваат премногу и е заменет со поранешниот олимпиец Сеико Хашимото.

Еден месец подоцна, уметничкиот директор на церемонијата на отворање и затворање на Игрите, Хироши Сасаки, поднесе оставка затоа што коментираше за изгледот на една од славните личности.

Јапонскиот премиер Јошихиде Суга изјави дека светот мора да види дека земјата може да организира безбедни Олимписки игри среде пандемијата на коронавирусот.

Олимписките медали за игрите во Токио се направени целосно од рециклирани материјали од фрлени мобилни телефони и други електрични уреди. На пиедесталот, тие сами ќе си ги ставаат медалите околу врат и забрането им е да се гушкаат и поздравуваат. Спортистите ќе мора да прославуваат сами во своите соби, без присуство на семејството.

Исто така, организаторите се погрижија контактот помеѓу олимпијците надвор од борилиштата да се сведе на минимум, па алкохолот ќе биде забранет, а учесниците им е сугерирано и да избегнуваат секс.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG