Кандидатот за бугарски премиер- нема да ги лишиме своите браќа од европска иднина

Софија- бугарскиот претседател Румен Радев му го врачува мандатот за состав на владата на кандидатот Пламен Николов, 30.07.2021

Пламен Николов, кандидатот за премиер на Бугарија предложен од партијата „Има таков народ“ која освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори, синоќа во гостување на бугарската национална телевизија БНТ ја коментираше и нивната позиција кон Македонија, ако успеат да формираат влада. Тој рече дека она што особено многу ги загрижувало членовите на „Има таков народ“ било „неисполнувањето на преспанскиот договор“.

"По никаков начин нема да ги загрижуваме своите браќа и нема да ги лишиме од можноста за нивна европска иднина на некаков насилен начин или на начин кој се применува од други балкански држави, но ова не значи дека нема да опстоиме на нашиот национален интерес. Како точно ќе биде направено тоа- можеби со ревизија на самиот договор и преразгледување “ рече Николов.

На новинарското прашање дали линијата на новата влада ќе биде како на досегашната или поразлична Николов одговори дека „со сигурност нема да биде линија на конфронтација“.

Тој вчера како кандидат за премиер на „Има таков народ“ од бугарскиот претседател Румен Радев го доби мандатот за составување на влада. Освен досега владејачката ГЕРБ на Бојко Борисов сите други парламентарни партии се во игра за составување на новото владино мнозинство. Во бугарскиот парламент свои пратеници имаат и БСП, „Демократска Бугарија“, ДПС и „Исправи се БГ! Доаѓаме!”.

Мандатарот Николов е доктор по филозофија на право, политика и економија. На интернет страницата на „Има таков народ“ е претставен како човек со повеќе од 15 години искуство во бизнис и управување со проекти. Николов работи за американската мултинационална компанија која има седиште во Софија.