Потпис и отпис

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски брифираше дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред сè поради двата проценти праг наменети за независни кандидати на претстојните локални избори, кои треба да се одржат на 17 октомври.

БУГАРИЈА - Бугарското Министерство за надворешни работи изрази разочараност што во Собранието во Македонија е донесена Резолуција за македонските црвени линии во преговорите со Софија. Бугарското МНР во изјава за БГНЕС наведува дека жалат што Резолуцијата е донесена во време кога, како што наведуваат, билатералниот дијалог започнал да преминува во попозитивна фаза.

КОСОВО / МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала Шварц, денеска на прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи во Скопје, оцени дека Иницијативата Отворен Балкан може да биде опасна за Косово, како и да ја загрози заедничката цел на земјите од регионот, а тоа е членството во Европската Унија.

РУСИЈА - Главниот уредник на независниот медиум Проект, Роман Баданин, ја напушти Русија без планови за враќање и се обидува да го евакуира својот персонал откако обвинителството во Москва ја прогласи групата за непожелна организација, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

МАКЕДОНИЈА - Зголемен е бројот на повици во Службата за Итна медицинска помош во Скопје, а екипите од изутрината, досега, интервенираа кај 30 случаи. Граѓаните кои бараат помош не се чувствуваат добро поради топлото време и имаат главоболки, болка во градите, зголемен крвен притисок, изјави за МИА, раководителката на Службата за Итна медицинска помош при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало.

ТУРЦИЈА - Бројот на жртвите од шумските пожари во јужна Турција се искачи на четири, соопштија турските власти. Новиот број жртви е објавен откако 25-годишен волонтер почина доцна синоќа во Мармарис, околу 320 километри западно од Анталија.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и израелскиот претседател Исак Херцог и неговата сопруга Михал беа меѓу првите кои ја примија третата доза на вакцината против коронавирус, откако ден претходно беше објавено дека земјата ќе биде една од првите во светот што ќе дава трета доза вакцина за луѓе над 60 години.

КИНА / ХОНГ КОНГ - Поранешниот келнер Тонг Јинг Кит е првото лице прогласено за виновно за кршење на новиот кинески закон за национална безбедност во Хонг Конг. Тој е осуден на девет години затвор, објавија судиите денеска.

АВСТРАЛИЈА - Австралија испрати стотици војници во Сиднеј за да помогнат во спроведувањето на мерките за ограничувањa и затворање поради ковид-19.