Премиерот до функционерите и службениците - Внимавајте на корупција, ќе одговарате

Премиерот Зоран Заев од седницата за пратенички прашања во Парламентотent

Никој нема да биде поштеден кога станува збор за борбата против криминалот и корупцијата, рече премиерот Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

„Тоа важи за тие од првиот, за тие од вториот и за било кој друг ешалон, тоа важи еднакво за сите граѓани. Имаме јасна порака до сите носители на јавни функции, до прв и втор ешалон, до државните службеници и до граѓаните – внимавајте, затоа што сега сѐ е јавно, никој нема да биде поштеден“, рече премиерот Заев. Тој укажа на транспарентноста во државата, поради што граѓаните јавно укажуваат на сите индиции и затоа се можни уште поголеми резултати во борбата против криминалот и корупцијата.

„Администрацијата за мене се и премиерот и министрите и замениците министри и секако и јавната администрација, сѐ со конечна цел да бидам попрецизен. Недвосмислена и јасна порака секогаш сум испраќал и денес испраќам: законот важни еднакво за сите. Дополнително, плус етички - не само кривично, се одговорни носителите на јавните функции, колку се повисоко на функциите во ешалонот, затоа што од нив се очекува да бидат пример и не само да бидат пример, туку и да го помогнат целиот овој процес на најотчетно и најодговорно ниво“, додаде премиерот Заев.

Заев, на седницата зборуваше и за заложбите на Владата за професионална и ефикасна јавна администрација, поради што ги повика опозицијата и општо пратениците, на есен да ги поддржат реформите во јавната администрација коишто се изготвени од експерти, а во насока максимално професионално да им служи на граѓаните.

Недамна во извештај на Стејт департментот корупцијата беше посочена како главен проблем за водење бизнис. Коментирајќи го извештајот премиерот пред една недела рече дека нема корупција во првиот ешалон, па ни вториот туку има појава на корупција кај некои службеници.