Спроведена првата „Соседска патрола“ во Дебар

Фотографија од првата „Соседска патрола“ во дебар - 27 јули 2021

Синоќа на подрачјето на Дебар, СВР Охрид ја спроведе превентивна кампања „Соседска патрола“. Притоа, мешани патроли составени од полициски службеници од Отсекот за превенција во Охрид и Дебар, претставници од Советот на родители во основните училишта, од Секторот за образование при локалната самоуправа и од Центарот за социјални работи во Дебар, извршија превентивна обиколка на повеќе угостителски објекти во централното градско подрачје, на периферијата од градот, како и на други јавни места на отворен простор каде, во ноќните часови, младите најчесто се собираат и задржуваат.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, изјави дека целта на кампањата е родителите да видат каде нивните деца излегуваат, како и во каков амбиент младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се проблемите кои можат да се случат во текот на ноќните забави и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.

Видете и ова: Свадбите во затворен простор го вратија коронавирусот во Дебар

Во рамките на кампањата, полициските службеници разговораа со младите на јавните места и во угостителските објекти, а малолетните лица посебно беа информирани околу законските обврски кои мора да се почитуваат.

Димовски додаде дека „Проектот има за задача преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне нивната општествена свест и совест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места, како и доследно да се почитуваат законските одредби, пред се, од Законот за прекршоци против јавниотред и мир“.

Во Дебар видно е зголемен бројот на млади бидејќи летово во Дебар се дојдени голем број млади иселеници кои потекнуваат од овој крај. Според здруженијата на иселниците, во овој момент во Дебар и регионот кој ги опфаќа руралните општини центар Жупа и Маврово – Ростуше дошле над 2000 иселници, а до крајот на овој месец се очекува таа бројка да биде над 5000.

Кенан Мимидиноски