Вашингтон и Москва ќе одржат разговори за контрола на оружјето

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков

Во Женева денеска Соединетите држави и Русија почнуваат нови разговори за контрола на оружјето како дел од договорот постигнат од претседателот Џо Бајден и неговиот руски колега, Владимир Путин, на самитот минатиот месец. Заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков кој ќе ја предводи руската делегација изјави дека руската страна треба да утврди на состанокот „колку американската страна е сериозна во желбата за енергичен и фокусиран дијалог за стратешка стабилност“.

Лидерите на САД и Русија и нивните „нуклеарни куфери“

На самитот во Женева на 16 јуни Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин се согласија да започнат разговори за „стратешка стабилност“ за „да се постават темелите за идните мерки за контрола на оружјето и за намалување на ризикот“. Денешните разговори ќе бидат посветени на новиот договор СТАРТ, последниот голем договор за контрола на оружјето што остана меѓу Москва и Вашингтон. Бајден го продолжи договорот во јануари, непосредно пред истекот на истиот. Новиот СТАРТ стапи на сила во 2011 година. Договорот го ограничува бројот на распоредени стратешки нуклеарни боеви глави на 1.550, распоредени стратешки системи за испорака на 700 и предвидува режим на верификација.