Пет работници исчезнати, неколку повредени во експлозијата во Германија

Експлозијата во фабрика за хемикалии во Германија

Петмина работници се водат за исчезнати, а неколку се повредени, при што дел од нив се наоѓаат во сериозна состојба, во експлозија во фабрика за хемикалии во градот Леверкузен во западна Германија, соопшти оперативната компанија на индустриско хемискиот парк.

Експлозијата предизвика тревога за „екстремна опасност“ и ги натера официјалните лица да ги повикаат жителите да се засолнат во затворени простории и да ги затворат прозорците.

Во индустрискиот парк Чемпарк се сместени неколку големи хемиски компании, вклучувајќи ги Баер и Ланксес. Експлозијата, според соопштението, се случила во дел од локацијата каде што се согорува отпадот. Се уште не е јасно која е причината за експлозијата.

Сликите кои беа споделени на социјалните мрежи покажуваат дека од индустрискиот парк излегува чад. Полицијата во блискиот град Келн објави на Твитер дека затвора неколку автопати во областа Леверкузен поради „голема штета“. Жителите на областа изјавија дека експлозијата можела да се слушне од голема оддалеченост, а некои велат дека нивните прозорци биле потресени од силината на експлозијата.