Соединетите Американски Држави и 20 други земји, меѓу кои и Северна Македонија, ги осудија масовните апсења во Куба и побараa целосно враќање на пристапот до интернет на островот.
"Демократиите ширум светот заедно ги поддржуваат Кубанците и ја повикуваат владата на Куба да ги почитува барањата за универзалните човекови права“, наведе денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен во заедничката декларација.
Зад декларацијата стојат владите на Северна Македонија, Австрија, Бразил, Колумбија, Хрватска, Кипар, Чешка, Еквадор, Естонија, Гватемала, Грција, Хондурас, Израел, Латвија, Литванија, Косово, Црна Гора, Полска, Република Кореја и Украина.
Вашингтон минатата недела воведе санкции за против министерот за одбрана на Куба и единицата на специјалните сили за наводни кршења на човековите права во акцијата против антивладините протести претходно месецов.
Илјадници Кубанци на 11 јули излегоа на улиците низ повеќе градови во земјата поради длабоката економска криза, постојаниот недостиг на струја, храна и лекови зголемени и поради пандемијата со коронавирусот. Претседателот Мигуел Диаз-Канел брзо ги растури уличните протести што резултираше со еден починат, десетици повредени и стотици уапсени.
"Соединетите Американски Држави и меѓународната заедница ќе продолжат со поддршката на кубанските граѓани додека се обидуваат да ги искористат универзалните човекови права и слободи на кои имаат право сите поединци“, се наведува во соопштението зад кое стојат САД и 20 држави.
Во него се додава и дека САД ќе продолжат со поддршката на желбата на кубанскиот народ за слобода и за одредување на сопствената иднина, а дека заедничкото соопштение покажува дека не се сами во нивните аспирации.