Францускиот парламент ја усвои продолжената употреба на санитарната пропусница доцна синоќа по викендот за време на кој се одржаа протести против таа обврска низ целата земја. Долниот дом на парламентот со 156 гласа „за“, 60 „против“ и 14 воздржани го усвои текстот за задолжителна санитарна пропусница за влез во ресторани и во јавниот превоз, како и за задолжителна вакцинација на здравствените работници. Претходно, Горниот дом, Сенатот, веќе го усвои законот за кој многумина сметаат дека ја ограничува слободата. Според усвоениот текст, нема да има отпуштања на лица кои не се согласуваат на задолжителна вакцинација против коронавирусот. Но, на овие вработени им се заканува суспензија на плата.
СЗО ги повика богатите земји наместо да вакцинираат деца, да ги донираат вакцините
Вакцината е задолжителна за медицинските работници, пожарникарите и оние кои работат со стари лица, додека санитарната пропусница, односно доказот за вакцинација, прележан ковид-19 или негативен тест за коронавирус, ќе биде задолжителна за кафулиња, ресторани, саеми и патувања со авион и воз. За тој текст сè уште треба да расправа Уставниот совет на Франција. Во исто време, властите продолжуваат да промовираат вакцинација. Скоро 60 проценти од населението примило една доза на вакцината.