ВМРО-ДПМНЕ и АА: Стејт департментот потврди дека корупцијата е главен проблем

Фабрика во Македонија

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците денеска реагираа по објавувањето на извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициска клима за 2021. Во него се наведува дека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија и правната рамка е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди, но корупцијата е постојан проблем.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски рече дека извештајот на Стејт Департментот на САД потврдува дека Зоран Заев и неговата влада ја зацементирале Македонија на дното.

„Зоран Заев ја има заробено државата, судскиот систем, институциите и целиот општествен апарат. Власта функционира мафијашки. Се нотира корупција, криминал, поткуп на државни службеници, селективност на правдата и злоупотреба на законските процедури. Нашите стратешки партнери нотираат злоупотреба на скратените постапки во Собранието. Тоа е работа против која ВМРО-ДПМНЕ континуирано се бори, но и постојано збори“, рече Мисајловски.

Од Алијансата за Албанците велат дека Извештајот на Стејт департментот го потврдува тоа што тие како партија со години го кажуваат дека има високото ниво на криминал и корупција, во кое директно се вклучени владини претставници и раководители на институции во земјата.

Алијанса за Албанците го оценува како несериозно и неодговорно однесувањето на Владата, која ваквите аларми ги третира со небрежност.

Во извештајот се наведува дека големите странски компании кои работат во технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) имаат генерално позитивни искуства и добро соработуваат со властите. Но, сепак, целокупното регулаторно опкружување на земјата останува сложено и честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување погодно за корупција, стои во извештајот. Во него се наведува дека Владата генерално ги спроведува закони, но има бројни извештаи дека некои службеници остануваат ангажирани во коруптивни активности.

Стејт департментот во извештајот наведува и дека новата влада презеде чекори за подобрување на инвестициското опкружување. А се нотира и работата на Државната комисија за спречување на корупција, која, како што пишува, отвори голем број истраги поврзани со корупција, вклучително и оние во кои се вклучени високи функционери.