Ахмети, Заев и вирусите

ШВАЈЦАРИЈА / КИНА - Кина го одби планот на Светската здравствена организација за понатамошна истрага за потеклото на коронавирусот. Кинескиот заменик министер за здравство Зенг Јиксин денеска рече дека тој е многу изненаден од предлогот бидејќи се фокусира на наводни прекршувања на кинеските лабораториски протоколи. Тој додаде дека предлогот е политизиран и дека е невозможно Кина да ги прифати условите.

МАКЕДОНИЈА - Денеска започна судењето за случајот Јавна соба. Станува збор за судење на креаторот и администраторот на групата Јавна соба на социјалната мрежа Телеграм кои се товарат за кривично дело - Производство и дистрибуција на детска порнографија. Основачот на групата има 32 години, а администраторот 22. За нив на 26 април беше поднесено обвинение.

МАКЕДОНИЈА - Соработка на локалните избори планирани наесен договориле коалиционите партнери во владата, Зоран Заев и Али Ахмети. Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев на Фејсбук објави дека на попладневната средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети договориле соработка за изборите и меѓусебна поддршка во некои општини уште во првиот, а во други во вториот круг.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи соопшти дека готови лични документи ќе се издаваат и за време на претстојниот викенд.

БУГАРИЈА - Мнозинството во Пленумот на Врховниот судски совет на Бугарија одби да се произнесе за основаноста на предлогот да биде сменет главниот обвинител на Бугарија Иван Гешев. Советот одржал повеќе од шестчасовна седница за предлогот поднесен од техничкиот министер за правда Јанаки Стоилов за предвремено разрешување на Гешев.

ТАЏИКИСТАН / АВГАНИСТАН - Таџикистан соопшти дека ги ставил во состојба на готовност сите свои вооружени сили и преместил илјадници војници на границата со Авганистан, поради зголемената загриженост во централна Азија по акциите на талибанците во северниот дел од земјата.

ИРАН - Иран соопшти дека го отвора првиот терминал за извоз на нафта во Оманскиот залив со што му се овозможува на Техеран да ја избегне употребата на стратегиската рута кај Ормускиот теснец која долго време беше во фокусот на регионалните тензии.

МАКЕДОНИЈА - Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница утврди дека не постои судир на интереси во предметот против заменикот министер за здравство Илир Хасани, Горан Филипов од фирмата Синерџи и родителите на сопругата на актуелниот министер за здравство Венко Филипче. Пријавата за овој случај беше поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

БЕЛОРУСИЈА - Белоруското министерство за правда се обидува да ја затвори водечката новинарска асоцијација во земјата во период во кој во таа земја се спроведува интензивна акција против медиумите и граѓанското општество. Министерството за правда вчера побара од Врховниот суд да ја затвори Белоруската асоцијација на новинари поради повторени прекршувања на законот.