Заев, Вучиќ и Рама договараат форум во Скопје на 29 јули

Онлајн состанок на македонскиот премиер Зоран Заев, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ за подготовка на форум во Скопје, 22.07.2021

Премиерот Зоран Заев утрово одржа онлајн состанок во врска со подготовките за Економскот форум за регионална соработка, што го организираат со неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Се поврзуваме уште повеќе за да го олесниме и подобриме животот на сите наши граѓани. Ова е нов Балкан“, европски, напиша премиерот Заев на својот фејсбук-профил.

Вучиќ пак на официјалниот профил на Инстаграм утринскиот разговор со Заев и Рама го оцени како успешен.

„Многу успешен разговор со Заев и Рама посветен на подготовките за регионалниот економски форум што го организираме заедно на 29 јули во Скопје. Регионална иницијатива што ќе не поврзе и ќе го подобри животот на сите наши граѓани. Заедно градиме нов Балкан, економски “, напиша Вучиќ.

На состанокот присуствуваше и претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж. На последната видео конференција на Вучиќ, Заев и Рама на 29 јуни тројцата соговорници порачаа дека се „свесни да само со заедничката соработка и прифаќање на регионалната соработка во рамките на разни регионални иницијативи како што се заедничкиот пазар, регионалниот Шенген, зелените коридори или Берлинскиот процес, можеме да ги приближиме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашиот народ и да донесеме големи инвестиции, кои би биле можни за секој од нас поединечно“.

Соговорниците се согласија да се сретнат во Скопје на 29 јули за да го разгледаат напредокот во спроведувањето на постојните иницијативи и проекти и да потпишат дополнителни договори меѓу трите земји во врска со спроведувањето на обврските од Берлинскиот процес, како и соработка и помош во случај на природни катастрофи олеснување за трговијата, извозот и увозот, беше еден од заедничките заклучоци на видео конференцијата одржана пред еден месец.