Кина е шокирана од планот на СЗО за втора студија за потеклото на ковид-19

Компјутерска слика на коронавирус

Кина не може да го прифати планот на Светската здравствена организација за втора фаза од студијата за потеклото на ковид-19, изјави денеска високиот претставник на Националната здравствена комисија Зенг Јиксин, наведувајќи дека бил шокиран од планот и конкретно од теоријата дека вирусот може да излегол од кинеска лабораторија. Тој ја отфрли таа теорија како гласина што е спротивна на здравиот разум и науката. „Невозможно е да прифатиме таков план за испитување на потеклото на вирусот. Тој предлог покажува недостаток на почит кон здравиот разум и ароганција кон науката“, рече тој на прес-конференцијата посветена на потеклото на „ковид-19“.

СЗО: Кина подобро да соработува во испитувањето на потеклото на пандемијата

Потрагата по потеклото на вирусот стана дипломатско прашање што влијаеше врз односите на Кина со Соединетите држави и многу нејзини сојузници. САД и другите земји веруваат дека Кина не била отворена за тоа што се случило во раните денови на пандемијата. Кина ги обвинува критичарите дека ова прашање треба да го решат научниците. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус во минатата недела призна дека е прерано да се исклучи потенцијалната врска помеѓу пандемијата и кинеската државна лабораторија во Вухан, градот каде што за прв пат беше откриена инфекцијата кон крајот на 2019 година.

Кина: Политичкото рекламирање ќе го отежни откривањето на потеклото на коронавирусот

Зенг рече дека лабораторијата во Вухан нема вирус што може директно да ги зарази луѓето. Тој истакна дека СЗО испратила тим на меѓународни експерти кои ја посетија лабораторијата на почетокот на оваа година и заклучи дека претпоставката за протекување на вирус од лабораторијата е многу малку веројатна.