Мицевски: Враќањето на интерпелацијата за Џафери е спротивно на Деловникот

Интерпелацијата за претседателот на Собранието Талат Џафери која беше поднесена од опозицијата собраниските служби ја вратија до доставувачите за да биде, како што се вели во дописот, корегирано уставното име.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ повторно ја достави во Собранието истата интерпелација. Враќањето на поднесената интерпелација повикувајќи се на усогласување на членот 136 од Деловникот на Собранието и позитивното право е неосновано и спротивно на Деловникот на Собранието, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

„Укажуваме дека интерпелацијата и нејзината форма се единствени и дека врз нив не се применуваат одредбите кои што се однесуваат на предлог на закони како што е наведено во самото барање односно не се повикуваат на членот 136 од Деловникот. Членот 136 се однесува на поднесување на предлог на закони, а интерпелацијата и нејзината форма не е предлог на закон,“ изјави Мицевски.

Тој посочи дека одговорот на известувањето во однос на вратената интерпелација е поднесен до претседателот на Собранието и дека очекува службите да го обработат.

Претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери поради, како што се наведува во нивното соопштение, „свесно кршење на Уставот и законите“. Причина за тоа е обраќањето на Џафери во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент на албански јазик.