Асад положи заклетва за нов мандат

A handout picture released by the official Facebook page of the Syrian Presidency shows President Bashar al-Assad arriving to the swearing-in ceremony for his fourth term, in the capital Damascus, on July 17, 2021.

Долгогодишниот сириски лидер Башар Ал Асад денеска положи заклетва за четвртиот седумгодишен мандат по изборите во мај, кои што опозицијата не ги признава, обвинувајќи дека се „наместени“. Тој во своето обраќање денеска ги повика иселените Сиријци да се вратат во својата земја и им се заблагодари на граѓаните кои гласале за него.

„ Со својата свесност и национална поврзаност покажавте дека не правите компромиси во однос на одбраната на своите права, без оглед на измамите од колонијалистите“ изјави Асад.

Според резултатите кои во јавноста ги објавија сириските власти, Асад освоил 95 проценти од гласовите на изборите кои се одржале на 26 мај, во области кои се под контрола на Владата.

Сирија веќе десет години е опфатена со граѓанска војна во која половина од населението е раселено, речиси половина милион луѓе загинале а десетици илјади се водат како исчезнати.

Според проценките на ОН, 80 проценти од населението живее во сиромаштија, а инфлацијата е неконтролирана.