Политика и сиртаки

ГЕРМАНИЈА - Бројот на смртни случаи по невремето во Рајнска област-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија се зголеми на најмалку 81, соопшти германскиот радиодифузер АРД на 16 јули. Особено погодени се областите Бад Ноенахр, Ахрвајлер и Еускирхен, според полицијата. Некои од мртвите сè уште не се извлечени, а луѓето сè уште се водат како исчезнати.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Македонија.

УНГАРИЈА / ЕУ - Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини Европската комисија за легализирано хулиганство затоа што покрена постапка против неговата влада за, како што велат, дискриминација на ЛГБТ луѓето.

ГРЕНЛАНД - Откако ја блокираше експлоатацијата на ураниум, новата влада на Гренланд објави забрана за истражување нафта на таа територија на Арктикот. Во одлуката, објавена на 15 јули, се вели дека е одлучено да се суспендира сегашната стратегија за нафта и да се запре понатамошното истражување на нафта во Гренланд.

ГРЦИЈА - Ноќните клубови, дискотеките и таверните во Грција, без оглед дали се на отворено или затворено, ќе примаат исклучиво вакцинирани гости или лица кои прележале Ковид-19, согласно новата министерска одлука, јави дописничката на МИА од Атина.

ФРАНЦИЈА - Од денеска Ајфеловата кула во Париз повторно ќе биде отворена за посетители. Поради пандемијата со ковид 19, таа беше затворена девет месеци што се смета за најдолг период од нејзиното затворање од Втората светска војна.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Помладите возрасни примени во болница со КОВИД 19 се скоро подеднакво подложни на компликации како и луѓето постари од 50 години, покажа истражување во Британија. За време на третманот, четири од десет лица на возраст меѓу 19 и 49 години развиле проблеми со бубрезите, белите дробови или други органи.

КИНА - Кина го започна својот долгонајавуван систем за трговија со емисии, што се смета за клучна алатка во напорите на земјата да го намали бројот на стакленички гасови што предизвикуваат климатски промени и стануваат јаглерод неутрални до 2060 година. Тргувањето започна во 9:30 часот по локално време на Шангајската берза за околина и енергија, се вели во соопштението на новинската агенција Ксинхуа.

СРБИЈА - Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ потврди дека ќе учествува на претстојните Олимписки игри во Токио.

САД / ГЕРМАНИЈА - Претседателот на САД Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел во Вашингтон разговараа за односите меѓу двете земји, пред се за разликите околу гасоводот Северен тек 2 и ставовите кон Кина.