С.Македонија и Албанија со заеднички контроли на граничниот премин Ќафасан

Граничниот премин Ќафасан.

Заеднички контроли беа воспоставени денеска на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане, со цел олеснување на трговијата и транспортот, како и за подобрување на прекуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија.

Соединетите држави преку УСАИД донираа мобилни скенери, дензитометри и камери за да се подобрат царинските услови на границата. Донацијата во вредност од 100.000 евра ја промовираа амбасадорките на САД во Северна Македонија и во Албанија Кејт Мари Брнз и Јури Ким, претставникот на царинската администрација на земјава, Илија Јаноски и директорот на албанската царина Генти Гажели.

„Овој граничен премин е важен пример, бидејќи е на Коридорот 8, стратешки правец што го поврзува регионот, од Црното Море до пристаништето Драч“, изјави амбасадорката Брнз.

Брнз додаде дека Владата на САД гордо ги поддржува напорите на владите на Северна Македонија и Албанија да воспостават заеднички контролни точки на границата.

Амбасадорката на САД во Албанија Јури Ким изјави дека опремата ќе им овозможи на царсинските службеници да достигнат највисоки стандарди во спроведувањето на царинските процедури.

„Алатките и опремата набавена од страна на УСАИД, заедно со тимската работа и тесната соработка меѓу двете страни, ќе им овозможи на царинските власти на Ќафтане – Ќафасан да ги достигнат највисоките стандарди за царинските процедури, овозможувајќи на тој начин поволно бизнис опкружување и безбедносни контроли, рече Ким.

Јаноски истакна дека претстојат активности за координирано усогласување на барањата и взаемно признавање на документите што ја придружуваат стоката и соработката со царинските органи.