Дебата за состојбите во судството - да се испитаат сите индиции за корупција

Илустрација - Основен суд Скопје 1.

Државната комисија за спречување на корупцијата денеска организирше дебата насловена „Истражување и анализа на состојбите со корупцијата во правосудството“ на која зборуваа судии, обвинители и експерти. На дебатата беше истакнато дека е потребно детално постапување и испитување на сите индикатори за потенцијална корупција, но и дека одолговлекувањето на судските предмети и ризикот од застарување на предметите влијае врз перцепцијата на граѓаните во правосудството.

Судијата на Основниот кривичен суд Скопје Владимир Туфегџиќ изјави дека е потребно да се размислува за законски измени кои ќе овозможат решение во однос на прашањето на промена на судечките состави и влијанието на тоа кривичните предмети да започнат одново.

„Со оглед дека постапката се прави токму поради промена на член на судечкиот совет, во таа насока, според мене, треба да се дозволи по барање на претседателот на судечкиот совет му се продолжи мандатот до завршување на постапката во сложен кривичен предмет“, вели Туфегџиќ.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска изјави дека кај застарувањето на предметите може да се најдат елементи на корупција. Според неа, не е доволно да се прави само разрешување поради нестручно и несовено работење, туку дека е потребно детално постапување.

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев за критиките кон судството изјави дека во една судска постапка освен судија професионалец, учествуваат и судии поротници кои се претставници на граѓанскиот сектор со право на глас исто како и судијата.

„Оваа критика не ја доживувам како критика на судиите професионалци, односно ја доживувам на ист начин како и критика на самото општество, на граѓаните.Тие учествуваат во иста мера во носењето на судските одлуки, како и судиите професионалци, да не кажам дека нивното влијание е дури и поголемо, отколку на судиите професионалци. Така да оваа критика, апсолутно може да се разбере и како самокритика, рече Џолев.

Во однос на резултатите од анкетата на ИРИ која покажува дека околу 20 проценти од граѓаните имаат доверба во судството, Џолев рече дека е добра вест, наведувајќи дека пред една година доверба во судството или обвинителството била само четири проценти.