Марами и бомби

ЕУ - Европскиот суд за правда донесе денеска одлука со која на компаниите им дозволува да забранат на вработените муслимани да носат марама во работните простории, но под одредени услови. Според одлуката компаниите мора да покажат вистинска потреба за забрана на работникот да носи марама и треба да го земат предвид специфичниот национален контекст.

ЕУ - Европската унија отворила правна постапка против Унгарија и Полска поради дискриминација на припадниците на ЛГБТ заедницата.

ГЕРМАНИЈА - Бројот на жртви од разорните поплави во Германија се искачи на најмалку 42 загинати, соопшти полицијата Дополнително уште неколку лица се водат како исчезнати по поплавите во западна Германија. Околу 20 лица загинеле во регионот околу градот Арвајлер објавија локалните германски медиуми. Во местото Шулд во Рајнланд-Пфалц поради поплави се урнале шест куќи, додека во Арвајлер луѓето се спасувани од покривите.

АЛБАНИЈА - Секој што во Албанија ќе се движи со оружје без дозвола ќе биде уапсен, изјави денеска генералниот директор на албанската полиција Арди Велиу. Тој на денешната прес конференција посочи дека само во првите 5 месеци од оваа година полицијата запленила 500 парчиња оружја од различен калибар, додека за поседување оружје без дозвола приведени се 400 лица.

МАКЕДОНИЈА - До сега во земјава се аплицирани вкупно 700 193 дози вакцини протов ковид 19. Од нив заклучно со вчера, се вакцинирани вкупно 440 299 граѓани, а ревакцинирани 259 894. Министерството за здравство тврди дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.

ПАКИСТАН - Пакистанската воена полиција соопшти дека најмалку двајца војници загинеле при експлозија на бомба поставена на пат во југозападниот дел на земјата. Во соопштението е наведено дека нападот се случил во текот на ноќта во место Куда Бакш Базар во провинцијата Балучистан.

БУГАРИЈА - Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ Бојко Борисов денеска во полиција дал изјава, за како што вели, настани од периодот 2009-2012 година.

САД - Претседателот на САД Џо Бајден денеска во Сенатот се состана со демократите, откако законодавците објавија договор за план од 3,5 трилиони долари за проширување на трошоците за здравствена заштита на стари лица, климатските промени и програми за помош на семејствата.

РУСИЈА / КИНА - Русија и Кина пред Советот за безбедност на Обединетите нации претставија нацрт-резолуција со која на меѓународниот висок претставник во Босна и Херцеговина веднаш ќе му се одземе овластувањето да го надгледува спроведувањето на мировниот договор од 1995 година со кој се стави крај на војната, а оваа позиција да се укине во рок од две години.