Средба Вучиќ -Курти следната недела во Брисел

Дијалог Белград-Приштина. 15 јуни, 2021.

Следната недела во Брисел треба да се сретнат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, во рамките на новата рунда од Дијалогот Белград-Приштина. На состанокот ќе учествуваат и претставникот на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел и медијаторот на ЕУ, Мирослав Лајчак, изјави денеска портпаролот на Борел, Петер Стано. Тој вели целта на дијалогот е „взаемно прифатлив консензус и компромис со цел да се постигне правно обврзувачки договор за нормализирање на односите“.

„Секој состанок организиран од ЕУ како посредник е мал чекор напред. Нема назадување и тоа е важно“, нагласи Стано.

Претходната рунда разговори меѓу Вучиќ и Курти беше на 15 јуни, кога двете страни не се согласија за ништо.

Во меѓувреме, главните преговарачи на двете страни се состанаа во Брисел во обид со експертските тимови да ги усогласат ставовите за претходно постигнатите договори за решавање на прашањето за исчезнатите лица, слобода на движењето, енергијата и формирањето на Заедницата на српски општини.

Дипломатски извори во Брисел особено ја истакнаа важноста за добра подготовка за новата средба меѓу Вучиќ и Курти со цел да се избегне сценариото од претходниот пат – двете страни да не се согласуваат за ништо.