Боки, Борисов и талибанците

БУГАРИЈА - Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов е повикан да се појави в четврток во полиција во Софија. Борисов ја соопшти веста на брифинг во седиштето на ГЕРБ. Според него, во поканата е наведено дека е повикан за да се даде информации. На прашањето зошто го викаат на распит, Борисов одговара дека не знае што да очекува од техничкиот министер за внатрешни работи, Бојко Рашков и дека веројатно ќе го прашаат зошто учествувал на изборите. Лидерот на ГЕРБ прецизираше дека треба да се појави во полиција во 10 часот.

АВГАНИСТАН - Талибанците ја предупредија Турција да не остава свои војници во Авганистан по заминувањето на странските сили предводени од САД. Анкара претходно најави дека размислува да остави свои војници за заштита на аеродромот во Кабул.

МАКЕДОНИЈА - Обвинетите Бојан Јовановски - Боки 13 и Фросина Ременски во случајот Меѓународен сојуз денеска побараа изземање на обвинителката Вилма Русковска.

МАКЕДОНИЈА - Во последните 24 часа се регистрирани 21 нов случај на заразени со ковид-19, од направени 3.227 тестирања, соопшти Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје. Во Тетово има 11 нови случаи, во Скопје и Куманово по 3, Струга -2, Гостивар и Штип по еден нов случај.

РУСИЈА - Во последните 24 часа во Русија како последица на ковид-19 починале 780 луѓе, што е најголем број смртни случаи во еден ден од почетокот на пандемијата.

ЈАПОНИЈА - Олимпиското село во Јапонија, во кое ќе бидат сместени околу 18 илјади спортисти и помошен персонал, официјално е отворено денеска во Токио, на десет дена пред почетокот на Летните олимписки игри.

ИРАК - Најмалку 64 лица загинаа, а други 67 се повредени во пожарот што избувна синоќа на одделот за ковид пациенти во болницата Ал Хусеин во Насирија, јужен Ирак, соопштија локалните здравствени власти.

УНГАРИЈА / ЕУ - Европската комисија го пропушти сопствениот рок за потпишување на милијарди евра помош за економско закрепнување на Унгарија, одложувајќи ја својата одлука во обид да добие отстапки во врска со владеењето на правото од Будимпешта.