Боки-13 и Ременски бараат Русковска да биде изземена од „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски на судење за „Меѓународен сојуз“

Обвинетите Бојан Јовановски – Боки 13 и Фросина Ременски во случајот „Меѓународен сојуз“ денеска побараа изземање на обвинителката Вилма Русковска.

Според образложението на Јовановски барањето за изземање на обвинителката е поради новонастанати околности, односно по обработката на дел од податоците од неговиот мобилен телефон кој судот му го вратил.

Боки -13 вели дека се обработени околу стотина илјади податоци од над еден милион колку што имало во мобилниот. Тој пред Судот рече дека му биле бришени податоци од телефонот, но дека ќе се обиде да ја врати содржината што е избришана.

„Со застапникот на ова обвинение јас имам остварено вербална и пишана комуникација во мојот телефон. Лицето се водело по лична омраза и умисла, причините ќе бидат интерпретирани. Со лицето Вилма имам остварено комуникација која на ова УСБ ќе го доставам, ќе се види како Вилма ме информира за апсења и притвори на повеќе лица, ми дава информации за службени дејствија за да го искористи медиумскиот простор на тогашната 1ТВ. Во оваа комуникација ќе се видат и лични квалификации за одредени лица како постапувала Вилма. Вилма ме информира за апсење на Стевчо Јакимовски и ми вели дека треба да пратам ТВ екипа“, рече Јовановски.

За обвинетата Фросина Ременски ова е новонастаната состојба и го информираше судот дека и таа се приклучува кон барањето за изземање на обвинителката Русковска.

Бранителот на Јовановски, Сашко Дукоски за медиумите појасни дека барањето за изземање е поради огромно сомневање за пристрасност во постапувањето против Јовановски и дека тоа е откриено врз анализата на материјалот од телефонскиот апарат на обвинетиот.

За случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Христина Блажеска, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Бојан Јовановски е во затвор за друг случај. Тој во јуни минатата година, заедно со поранешната обвинителка Катица Јанева беа прогласени за виновни во случајот „Рекет“ каде Боки 13 доби затвор од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување.