Италија е шампион на ЕУРО 2020

Голманот на Италија, Џанлуиџи Донарума беше херој за „Аѕурите“.

Италија е шампион на Европското фудбалско првенство ЕУРО 2020, откако на стадионот Вембли ја совлада репрезентацијата на Англија на пенали со резултат 3:2.

Регуларниот дел на натпреварот заврши со нерешен резултат 1:1. Англија поведе уште во втората минута со голот на Лук Шо, а Италија го израмни резултатот со голот на Леонардо Бонучи во 67 минута. Во продолженијата резултатот остана непроменет, по што Италија беше подобра по изведувањето на пеналите.

Голманот на Италија, Џанлуиџи Донарума беше херој за „Аѕурите“ во изведувањето на пеналите, додека Маркус Рашфорд, Јадон Санчо и Букајо Сака кои влегоа како замена не успеаја да реализираат од белата точка за Англија.

Лук Шо го постигна најбрзиот гол во едно финале на Европско првенство, кога ја доведе Англија во предност во втората минута. Хари Кејн додаде до Киран Трипие кон десната страна, а неговиот центаршут го пронајде левиот бек Шо за водство на Англија.

Но, Бонучи го изедначи резултатот за Италија во 67 минута, резултат кој остана до изведувањето на пеналите.

Англија останува без голем трофеј на европските купови од 1966 година.