Достапни линкови

Патриотско фудбалско финале за Европската Унија


Европското фудбалско првенство ЕВРО 2020, се приближува кон крајот со многу очекуваното финале во недела. Но, ова беше и турнир полн со политички контроверзии, во кој едномесечниот настан стана микрокосмос на многу од проблемите со кои се бори Европа во овој момент. Рикард Јозвијак

И можеби најголемиот наратив и оној кој приврзаниците на Брисел очајно сакаат да го избегнат, сепак може да се случи во финалето: успех на „Брегзитска Англија“.

Но најпрвин: целата работа е тоа дека спортот и политиката се принудени да соработуваат, иако неволно. Многу високи спортски претставници постојано го повторуваат тоа, исто како и спортистите и многу навивачи. Можеби не е баш некоја „војна со други средства“, но за континентот кој во најголем дел не е зафатен од некој крвав конфликт и кадешто барем теоретски во Шенген зоната треба да се отстранат националните гранични проверки меѓу многу земји, европските првенства нудат прифатлив начин за канализирање на жестокиот патриотизам.

Само фрлете површен поглед на Евро 2020 и ќе видите политички приказни, една по друга, сите измешани помеѓу ударите од агол и контроверзните црвени картони.

Ова се случи после целиот пандемиски турнир, што се одржа една година подоцна од првично закажаниот, но сè уште наречен Евро 2020. Многумина сметаа дека е лудост да се продолжи со ваков настан во 11 различни земји, бидејќи луѓето сè уште умираат од вирусот. И стана уште покомично, а со тоа и политичко, кога некои градови дозволија стадиони со скоро полн капацитет и ги пречекаа странските навивачи, додека други се придржуваа на препорачаните правила. Единственото нешто за кое сите се согласуваат е дека турнирот најверојатно ќе дејствува како супер-распрснувач кога подоцна во текот на летото ќе избие уште еден бран Ковид инфекција на континентот.

Но, имаше и многу повеќе. Прво се појави прашањето за тоа кои тимови или играчи ќе клекнат пред почетокот на натпреварот за да ги истакнат расните неправди, гест предизвикан во најголем дел од убиството на Џорџ Флојд во Соединетите Држави минатата година. Толпите навиваа и се шегуваа во речиси еднаква мерка - покажувајќи дека тензиите околу правата на етничките малцинства можат да бидат проблем и на овие простори.

Потоа, тука беше украинскиот дрес со исцртани граници, вклучувајќи го и Крим, и слоганот „слава на Украина“, против што Русија жестоко протестираше. Слоганот УЕФА го сметаше за политички и беше отстранет, но целата шарада беше силен потсетник на војната што татне. Контроверзниот австриски напаѓач Марко Арнаутовиќ, чиј татко е Србин, продолжи да изговара расни навреди против етничките Албанци во тимот на Северна Македонија, заработи суспензија за еден натпревар и ги потенцираше тензиите што траат сè уште на Западен Балкан. Натпреварот Англија – Шкотска пак се одигра во позадината на шкотската сецесионистичка врева.

И на крај од сето ова, беше полемиката околу унгарскиот „анти-ЛГБТИ + закон“ и знамињата во боја на виножито, рекламни табли и стадиони - можеби најчувствителното политичко прашање што ја зафаќа Европа сега.

Оптимизам пред ЕУРО 2020
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:07 0:00

Но, на крајот победникот во финалето е тој што ќе го напише главниот наратив. Вистина, тоа често го прават новинари и коментатори, наоѓајќи паралели во современата политика. Земете ги на пример победите на Светското првенство во Франција во 1998 и 2018 година. Двете победи беа поздравени како моменти кога Французите го исполнија своето мото: „слобода, братство и единство“, создавајќи мултиетнички тим со незапирлива сила пред националистот Жан Мари Ле Пен во 98 година и неговата ќерка Марин дваесет години подоцна. Данска сè уште се сеќава на летото во 1992 кога тие добија бесплатен билет за Европското бидејќи Југославија се распадна. Наспроти сите шанси, тие го освоија првенството, само неколку недели откако го отфрлија договорот од ЕУ со Мастрихт, изготвувајќи законски опции за себе.

Победата на Германија на Светското првенство во 2014 година и даде шанса да и ја претстави на светот нејзината помека страна по долгогодишно настојување за штедење, додека митскиот бајковит триумф на Грција на Европското првенство во 2004 година и Олимписките игри во Атина истото лето беа почеток на забавата чиј „мамурлак“ доведе до нејзиниот економски колапс неколку години по ред.

Сега, одненадеж Брисел гледа во нетолку лесната можност за победа на Англија. И тоа не е само вообичаената Англија со надуено фудбалско его и гласни навивачи, пеејќи ја познатата „се враќа дома “ по 55 години од кога се пеела на последниот и единствен триумф на Светското првенство во 1966 година на домашно тло.

Ова денеска е „Брегзитска Англија“. Англија која ја победи ЕУ во трката со вакцини претходно оваа година. Малкумина би биле во можност да ги „сварат“ сликите од Борис Џонсон, насмеан со трофејот во рака и сугестиите дека ова е успех на „глобална Британија“, непоколеблива на диктатите на ЕУ. Без оглед на тоа што некои од англиските играчи играат во други европски лиги и дека сите тие го стекнаа своето фудбалско образование кога Англија сè уште беше дел од Унијата, тоа едноставно би било горчливо апче за голтање.

Видео прилог за долгата и богата историја на спортскиот храм Вембли

Во Брисел многу повеќе, би ја претпочитале подмладената италијанска екипа, ставајќи го зад нив фијаското од неучеството на Светското првенство пред три години, и која сега помалку го употребува одбранбениот стил катанаџо по кој се познати Азурите. Комбинирајќи го тоа со камбек-приказната за една нација која беше на колена на почетокот на пандемијата во Европа, предводена од премиерот Супер-Марио Драги – кој всушност се залагаше за заштеда на еврото за време на неговиот мандат како претседател на Европската централна банка. Не е ни чудо што Еврократите се молат на фудбалските богови на Un’estate italiana во недела.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG