Шефицата на Европската комисија бара зголемен обем на вакцинација во ЕУ

Урсула фон дер Лајен

ЕУ на своите членки им достави доволно дози на вакцини против Ковид-19 во насока на постигнување на целта за целосно вакцинирање на најмалку 70 проценти од возрасната популација, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Таа побара од членките на ЕУ да го зголемат обемот на вакцинација и дека до 11 јули низ Унијата ќе бидат распределени околу 500 милиони дози.

„ЕУ го исполни ветувањето. Викендов доставивме доволно дози за членките да можат да вакцинираат најмалку 70 отсто од возрасните", рече Фон дер Лајен.

Таа истакна дека Ковид-19 сè уште не е поразен и изрази подготвеност да достави дополнителни количини вакцини.

ЕУ најмногу се потпира на снабдувањето со вакцини од „Фајзер-БиоНТех“, но зема и дози од други производители.

Европската комисија претходно предупреди дека многу заразниот делта вид на коронавирусот се очекува во текот на летото да стане доминантен во Европа.

Неодамнешните истражувања покажуваат дека делта сојот на вирусот ја намалува ефикасноста на вакцините против симптоматска инфекција, но дека две дози се многу ефикасни во спречување на потешка болест и смрт.