Политичари и паразити

МАКЕДОНИЈА - Дали се работи за вирус или за некој вид на паразит кај децата во гевгелиската болница истражува екипа од Универзитетската детска клиника од Скопје. Екипата работи на утврдување на причината од што заболеле педесетина деца и бебиња од Гевгелија кај кои имало респираторни проблеми нетипични за овој период од годината. Лекарскиот тим е предводена од доктор Аспазија Софијанова.

СРБИЈА - Српското министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата во Нови Сад, во текот на првиот ден од фестивалот Егзит, запленила наркотици од 55 луѓе. Уапсени се 54 лица за неовластено поседување наркотични средства и едно лице за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици. Од уапсените 31 се странски државјани.

МАКЕДОНИЈА / ГРЦИЈА - Македонските и грчките власти потпишаа договор со кој треба да се спојат гасоводите на двете земји. Проектот е вреден околу 100 милиони евра. Договорот за изградба на спојката за природен гас денеска во Атина го потпишаа министерот за економија Крешник Бектеши и грчкиот министер за животна средина и енергија, Костас Скрекас.

ЦРНА ГОРА - Каматата за кредитот од кинеската ЕКСИМ банка, преку која се инвестира во изградбата на првата делница на автопатот во Црна Гора е намалена, што на годишно ниво ќе донесе заштеда од 8 милиони евра, изјави министерот за финансии и социјална грижа Милојко Спајиќ.

АВСТРИЈА - Повеќе од десетина луѓе се повредени во Австрија откако воз кој превезувал претежно деца и тинејџери излетал од шините и паднал во река во близина на градот Салцбург.

ЛИТВАНИЈА - Литванија почна да гради бариера на границата со Белорусија, во услови кога има наплив на илегални мигранти. Литванските власти обвинуваат дека Белорусија намерно ги пропушта мигрантите да минат на литванска територија, во знак на одмазда за санкциите на Европската унија.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека на комисиска расправа заедно со пратениците ќе се направи измена за забрана на увозот на РДФ( отпад што се користи како гориво), бидејќи, како што вели, има сомнеж дека државата не е подготвена за соодветна имплементација на предвидената регулација.

АВГАНИСТАН / РУСИЈА - И руските власти и претставници на талибанците тврдат дека талибанците контролираат се поголема територија во Авганистан, вклучително и големи делови на границата. Делегација на талибанците е во посета на Москва. Изјавите доаѓаат во време кога меѓународните сили предводени од САД се повлекуваат од Авганистан.

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Во предизборни спотови објавени во Бугарија се изразува територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон С. Македонија, реагира македонското Министерството за надворешни работи. Од МНР ги осудија ваквите спотови, кои, како што стои во реакцијата од Министерството не се во духот на градење пријателство и почитување на европските вредности.