Наскоро укинување на карантинот за вакцинираните Британци кои се враќаат од летување

Илустрација: Туристи во Шпанија

Целосно вакцинираните Британци наскоро нема да мора да одат во карантин во враќањето во Англија од земјите од „портокаловата листа“, вклучувајќи ги и туристичките дестинации како Франција, Шпанија и Италија, соопшти денеска британската владата.

Мерката, која треба да биде укината на 19 јули, долго време ја бараат туристичките работници тешко погодени од пандемијата на коронавирус.

Од тој датум „британските граѓани кои се целосно вакцинирани... веќе нема да мора да одат во изолација по враќањето во Англија“, рече министерот за сообраќај Грант Шапс пред парламентот, додавајќи дека нема да се препорачува да не се патува во „портокаловите“ земји.

Децата, кои уште не се вакцинираат во Велика Британија, исто така нема да мора да одат во десетдневен карантин.

Сепак, и понатаму ќе биде потребен ПЦР тест.

Повеќе од 64 проценти од возрасните Британци досега се вакцинирани со двете дози од вакцината, а 86 отсто примиле барем една доза. Целта е до септември годинава да се вакцинираат сите полнолетни граѓани.

И покрај големата вакцинираност, Британија се соочува со новиот делта-сој на вирусот. Во земјата од ковид-19 досега умреа 128 илјади луѓе, а вчера беа регистрирани над 32 илјади нови случаи, што е најголема дневна бројка од јануари годинава.

Патниците кои влегуваат во Британија од земјите од „црвената листа“ и понатаму треба да одат во хотелски карантин на сопствен трошок, додека карантинот за патниците од зелените земји беше укинат уште претходно.

Повеќе од 120 научници и лекари од светот изразија загриженост поради целосното отворање на Англија.