Потпишана дозвола за изградба на висококатница кај Холидеј Ин

Презентација на идејното решение на инвеститорите за парцелата 1.1 спроти хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје

Нема никаква пречка за да се почне со изградбата на првата од трите кули на плацот спроти „Холидеј ин“ изјавил денеска скопскиот градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ за СДК.мк. Барањето за градежна дозвола е издадено и веќе правосилно по што инвеститорите компанијата „Фешн Груп“ и „Обвновители“ на МПЦ немаат повеќе пречки за градежни активности на тој плац.

„Нема жалби по однос на барањето за градењето за кое се платени комуналиите. Откако пропадна можност за суспензија на Деталниот урбанистички план за тој дел, не постојат никакви пречки да се гради и барањето за градба стана правосилно“, вели градоначалникот Богдановиќ за СДК.мк.

За првата парцела кај „Холидеј Ин“ фирмата МГ Фешн“ и МПЦ преку фирмата Обновители имаат проект за изградба на три згради од 16, 20 и 22 ката. До сега во јавноста е познато дека инвеститорите платиле комуналии од 2,4 милиони евра на Општина Центар и Град Скопје за дел од проекот.

Прво ќе се гради зградата од 20 ката која се наоѓа на земјиштето на МПЦ-ОА и всушност ја попречува отвореноста на плоштадот кон кејот. Такму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Богдановиќ - Kaj Холидеј Ин ќе се гради, прашање е само што

Идејата за три облакодери на потегот меѓу Холидеј Ин и Олимписки базен во центарот на Скопје е стара 14 години. По укинувањето на мораториумот на Општина Центар од страна на Уставниот суд, сега е на чекор до реализација. Деталниот урбанистички план за оваа зона беше под мораториум, одлука која два пати „падна“ на Уставен суд, затоа што уставните судии сметаат дека општината не смее да презема такви мерки. Односно Уставниот суд оцени дека Општината не смее да не спроведува ДУП.