Одбраната на осудените за „Диво Насеље“ бара од Врховен суд укинување на пресудата

Осуден на доживотен затвор за теростистичко дело во предметот Диво Насеље

Одбраната на осудените во предметот Диво Насеље денеска од Врховниот суд бараше укинување на пресудата поради суштествени повреди на кривичната постапка пред првостепениот и второстепениот суд, како и погрешно утврдената фактичка состојба и повреда на кривичниот законик.

Одбраната бара предметот повторно да се врати отпочеток во Кривичниот суд или да се преиначи пресудата во ослободителна. Адвокатот Насер Рауфи, кој пред Врховниот суд зборуваше за двајца од обвинетите Амди Красниќи и Дем Шеху, укажа на повеќе суштествени повреди на кривичната постапка од Кривичниот и Апелациониот суд.

„Самиот во интервју господинот Али Ахмети кажа дека разговарал со обвинет и доколку ни беше дозволено тој разговор да биде дел од доказите ќе се утврдеше дека Красниќи и Шеху воопшто не биле организатори на настанот. Сметам дека овие две казни доживотен затвор се неосновани, бидејќи се знае кој командувал со акцијата – тоа се починатите Бег Ризај и Мирсад Дрецај,“ изјави Рауфи.

Адвокатот Љупчо Веселиновски посочи дека било интересно тоа што во медиумите се зборувало за пари кои биле дадени на раководителите на групата, како и дека некои тврделе дека имаат и докази.

„ Еден Стојанче Ангелов овде во близина тврдеше дека имал докази. Тој, сега е негде во власта, некој е претседател, а некој е директор на Државна безбедност. Сите тие работи, откако дојдоа во позиции на власт, се заќутеа. Колку пари се дадени во тоа време, за што се дадени и на кого се дадени и кој ги дал за да се организира оваа ситуација,“ изјави Веселиновски.

Во престрелка во мај 2015 година во кумановската населба Диво Насеље, животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и десет членови на вооружената група.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Куманово - ден потоа

Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Диво насеље“, со што бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37. Од нив 33 лица беа осудени за делата од кои седум на доживотна казна затвор, а останатите 26 лица на казни затвор од 12 до 40 години. За четири лица е донесена ослободителна пресуда.