Скопје - Приштина - Токио

МАКЕДОНИЈА - Левица и ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесоа интерпелација за претседателот на Собранието Талат Џафери. Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев изјави дека интерпелацијата е поднесена поради три главни причини.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство ги информира граѓаните дека почнувајќи од 12 јули, ќе може да се вакцинира секој граѓанин без разлика дали е пријавен или не се пријавил на веб страницата vakcinacija.mk.

БУГАРИЈА - Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ не е само желба на ЕУ, туку мора да има докажани активности од страна на Скопје да ги убеди не само европските партнери, туку и земјата-членка Бугарија дека тие имаат желба за билатерално решавање на проблемите што постојат и ја спречуваат Софија да даде зелено светло за почеток на преговарачкиот процес, изјави бугарскиот технички министер за надворешни работи Светлан Стоев.

УНГАРИЈА - Репортери без граници го додаде унгарскиот премиер Виктор Орбан на годишната листа на непријатели на слободата на печатот. Ова е првпат шеф на влада на земја членка на ЕУ да биде ставен на списокот, заедно со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и сирискиот претседател Башар Ал-Асад.

МАКЕДОНИЈА - Средната оценка од двата екстерни испита на државната матура спроведени минатиот месец е 3.61. За нијанса е подобра оценката од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48.

МАКЕДОНИЈА - Пратеникот и портпарол на СДСМ Коста Костадинов денеска изјави дека владејачката партија ќе ја прифати резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за идентитетските црвени линии во преговорите со Бугарија, а во контекст на старот на преговорите на Македонија со ЕУ.

ШВАЈЦАРИЈА - УЕФА ги коригира информациите на нејзината официјална веб-страница кои се однесуваа на претседателот и генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и Филип Поповски и сега тие се запишани како Македонци.

САД - Спасувачките екипи продолжуваат во потрагата по жртви во урнатата станбена зграда во Флорида, откако беа активирани низа експлозии со цел да се урнат нестабилните остатоци од зградата. Екипите веднаш започнаа со расчистување на новите остатоци за спасувачите да можат да ја започнат својата операција која беше запрена во поголемиот дел од викендот.

ЈАПОНИЈА - Спасувачките екипи во Јапонија се во потрага по преживеани, при што 80 лица се уште се водат како исчезнати и по два дена откако во лизгање на земјиште во приморскиот град Атами беа уништени куќи и патишта.

КОСОВО - Лидерот на Алијансата за иднината на Косово и поранешен премиер Рамуш Харадинај изјави дека дијалогот со Србија не треба да продолжи без присуство на САД и дека мини-Шенгенот може да се постигне само по признавањето на Косово од Србија.